Свет 03. февруари 2019. / 20:46

И Курц го поддржа Гуаидо

И Курц го поддржа Гуаидо

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави оти разговарал со венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо и дека се придружува кон земјите-членки на Европската унија кои соопштија дека ќе го признаат за привремен претседател на Венецуела доколку Владата во Каракас не распише претседателски избори.

Курц на Твитер напиша дека имал „многу добар телефонски разговор со претседателот Гуаидо“ и оти тој има целосна поддршка од Австрија за обнова на демократијата во земјата.

– Доколку (претседателот на Венецуела Николас) Мадуро не одговори на апелот на ЕУ да распише фер и слободни претседателски избори, ќе го признаеме и ќе го поддржиме Хуан Гуаидо за преоден претседател. – наведе Курц.

ЕУ му дадоа рок од осум дена на Мадуро да организира „фер, слободни и кредибилни избори“, а во спротивно Унијата „ќе преземе мерки во однос на признавање на лидерството“. Рокот од ЕУ истекува вечерва.

Претходно француската министерка за европски работи Натали Лоазо најави дека Париз ќе го признае Гуаидо како привремен претседател на Венецуела ако Мадуро до вечер не распише избори.

– Ако Мадуро до вечер не се обврзе дека ќе организира претседателски избори, во тој случај Франција ќе го смета Хуан Гуидо за легитимен да организира избори и него ќе го сметаме за привремен претседател до одржувањето на легитимни избори во Венецуела. – истакна Лоази.

Таа предлогот на Мадуро тој да организира предвремени парламентарни избори го оцени како фарса.