Холандскиот премиер Марк Руте денеска објави дека епидемиолошките мерки за борба против пандемијата на ковид-19 остануваат во сила до 9 февруари, поради големиот број на заразени.
–Не мислам дека ќе бидете изненадени многу вечерва од веста дека карантинот се продолжува за уште три недели, рече Руте во телевизиско обраќање. Епидемиолошките мерки требало да бидат укинати на 19 јануари.
–Секој или скоро секој ќе разбере дека немаме друг избор, додаде тој.
Владата, исто така, размислува за воведување полициски час и се консултирале со јавните здравствени власти во врска со ова, додаде Руте.
Според досега најстрогите мерки, училиштата и продавниците што не продаваат храна се затворени и е забрането да се примате повеќе од две лица во домот.
Марк Руте рече дека информациите за ширење на англискиот сој на вирус од Велика Британија и Ирска се „благо речено загрижувачки“.