Принцот Хари и неговата сопруга Меган годинава нема да го слават Божиќ со кралицата Елизабета Втора, туку ќе бидат во Канада заедно со нивниот син Арчи, изјави нивната портпаролка.
Хари и Меган земале продолжен одмор од кралските обврски, откако во октомври во документарецот ги наведоа тешкотиите со кои се соочуваат поради изложеноста пред медиумите.
Портпаролката рече дека тие ја ценат „срдечноста на канадскиот народ и убавината на околината“.
–Војводата од Сасекс често ја посетува Канада, а војвотката живееше таму седум години пред да стане член на кралското семејство – додаде таа.
Инаку, Меган Маркл претходно живееше во Торонто додека ја снимаше серијата „Костуми“(Suits).
–Им посакуваме на принцот Хари, Меган и Арчи пријатен и мирен престој во Канада. Вие сте меѓу ваши пријатели и секогаш сте добредојдени – напиша на Твитер, канадскиот премиер Џастин Трудо.
Во ноември, парот објави дека ќе го слават Божиќ со мајка и на Меган, Дорија Рагланд, наместо со кралицата Елизабета (93) на имотот во Сандрингам, во источна Англија, каде кралското семејство традиционално ги поминува Божиќните празници.
И принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета Втора, веројатно нема да биде во Сандрингам на Божиќ, бидејќи тој вчера беше превентивно хоспитализиран поради хроничните здравствени проблеми.