Свет

Хаос на аеродромите: Историски штрајк на „Рајанер“ (ФОТО)

Хаос на аеродромите: Историски штрајк на „Рајанер“ (ФОТО)

Најголемиот европски нискобуџетен авио-превозник „Рајанер“ е погоден со штрајкови од епски размери.

Денеска се откажани дури 400 летови додека пилотите и членовите на екипажот се борат за повисоки плати, сигурна пензија, па дури и бесплатна вода за пиење во авионот, пишува Блумберг.

Синдикатите на работниците во Германија, Ирска, Шведска и Белгија најавија дека ќе ги приземјат авионите на 24 часа. Нивните барања се повисоки плати и подобри работни услови.

„Сакаме да покажеме дека стоиме зад нашите барања. Во следните недели и месеци предвидувам повеќе штрајкови, кои може да бидат и спонтани“, изјавил Инголф Шумахер, еден од пилотите во компанијата.

Со штрајкот во текот на летната сезона ќе бидат погодени повеќе од 55.000 патници. Најмногу од нив во Германија – 42.000.

На патниците управата на авиопревозникот им нуди бесплатна промена на терминот на летот или враќање на парите. Дополнителни обештетувања нема да има.

Пред две недели поради штрајкови во Италија, Шпанија, Португалија и Белгија, „Рајанер“ беше принуден да откаже скоро 600 летови со околу 50 илјади патници.