Владата во Лондон е решена во својот став да избегне истапување на Велика Британија од ЕУ без договор, изјави во Токио шефот на британската дипломатија Џереми Хант.
– Свесни сме на фактот дека Јапонија има бројни инвестиции што вработуваат стотици илјади луѓе во Велика Британија. Ние сакаме таа силна соработка да продолжи- изјави Хант на средба со јапонскиот премиер Шинѕо Абе.
Јапонија е еден од наголемите странски инвеститори во Велика Британија, каде јапонските фирми произведуваат возила и други стоки за широка потрошувачка, бидејќи ја сметаат земјата за врата за влез на пазарот на ЕУ.
Со евентуалното истапување на Велика Британија од ЕУ без договор и нерешени идни трговски односи со Унијата, земјата ќе ја загуби сегашната позиција, што во Лондон предизвикува стравување од можно повлекување на јапонските инвестиции и нивно префрлање во други европски земји.
За време на престојот во Јапонија, Хант ја посети и компанијата „Тојота Мотор“, која во соработка со „Сузуки“, планира да почне со производство на нов модел на автомобил во погоните во Велика Британија.