Вакцина против Ковид-19 може да биде единственото нешто што ќе ја врати нормалната состојба, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
За време на видео конференцијата со водачите на околу 50 африкански нации, тој изрази надеж дека вакцината ќе биде готова пред крајот на годината.
Безбедна и ефикасна вакцина би можела да биде единственото оружје кое ќе му го врати на светот чувството на „нормалност“, да сочува милиони животи и билиони долари, истакна Гутереш.
Тој повика на забрзано развивање на вакцина, достапна за сите, истакнувајќи дека мора да има „универзална глобална придобивка“ и да овозможи да се контролира пандемијата.
Според него, потребни се амбициозни напори за да се осигура дека меѓународните актери дејствуваат преку усогласен, интегриран и силен пристап за максимизирање на брзината и обемот потребен за развој на вакцината до крајот на 2020 година, пренесе АФП.