Обраќајки се на почетокот на Конференцијата на ОН за климата (ЦОП25) во Мадрид, генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш порача дека човештвото ги трпи последиците од климатско нарушување и треба да избира во која насока ќе продолжи во иднина.
– Светот е на пресвртница и до крајот на следната деценија ние ќе бидеме на еден од двата патишта. Едниот пат е капитулација, на кој како месечари ќе ја поминеме точката без враќање, загрозувајќи го здравјето на сите жители на планетата – предупреди Гутереш во обраќањето пред претставниците од околу 200 земји потписнички на Парискиот договор за климата, меѓу кои и 40 шефови на држави и влади.
Гутереш додаде дека „втората опција е патот на надежта“.
– Патот на одлучноста и трајните решенија. Патот во кој фосилната енергија останува таму каде што треба да биде, во земјата и со кој достигнуваме климатска неутралност до 2050 година – посочи Гутереш и упати апел да се прекине „зависноста од јагленот“.
Генералниот секретар на светската организација праша дали оваа генерација сака да остане запишана во историјата како генерација што се однесува „со глвата забиена во песок како ној“ и губи време додека светот гори.
Гутереш нагласи дека е фрустиран поради спорите промени и повтори дека треба да се дејствува радикално и итно.
– Парискиот договор за климата од 2015 година е сериозно ветување за жителите во целиот свет… Да покажеме политичка волја како што народот очекува од нас. Да се прави помалку значи предавство на целото човештво и на сите идни генерации – наведе Гутереш.
Во Мадрид почна Меѓународната конференција на Обединети нации за климата (ЦОП25) и ќе трае две недели.