Група инвеститори од Велика Британија поднеле колективна тужба против банките Баркли, ЏП Морган, Ројал Банк оф Скотланд (РБС), УБС и Ситигруп, обвинувајќи ги за местење курсеви на глобалниот девизен пазар.
Тужбата, која според проценките вреди повеќе од една милијарда фунти (1,24 милијарди долари), поднесена е денеска во Апелациониот суд за конкуренција (CAT) во Лондон, соопшти американската адвокатска канцеларија СкотнСкот, објави Ројтерс.
ЏП Морган, РБС и УБС одбија да коментираат, а Баркли и Ситигруп досега не одговорија на барањата на британската агенција за коментарот.
Некои од најголемите инвестициски банки во светот веќе заедно платија повеќе од 11 милијарди долари на име спогодба со американските, британските и европските регулатори во судски постапки во кои се тужени за местење курсеви на девизните пазари.
Адвокатите на тужителите се надеваат дека во Велика Британија ќе го повторат успехот на колективните тужби како во САД против банките, вклучувајќи ги и Голдман Сакс, ХСБЦ и Баркли, во кои големите инвеститори добија компензација во износ од 2,3 милијарди долари.
Европската унија во мај оваа година казнила пет банки со вкупно 1,07 милијарди евра (1,19 милијарди долари) за местење на девизни курсеви преку брокерски картели.