Свет 03. декември 2019. / 17:13

Грета предупредува: Луѓето ја потценуваат силата на разгневените деца како мене

Грета предупредува: Луѓето ја потценуваат силата на разгневените деца како мене

Климатската активистка, Грета Тунберг, денеска пристигна во Лисабон, откако пловеше повеќе од две недели од Њујорк преку Атлантикот.

унберг се врати во Европа за да присуствува на Самитот за климатски промени на ООН COP25 во Мадрид, од каде се упатува повик за итна акција против глобалното затоплување, пренесува Ројтерс.

Швеѓанката патуваше преку океанот со бродот Ла Вагабанд, за да прати порака дека со авионскиот превоз се испушта многу јаглерод диоксид . Таа ќе го помине денот на состаноци со португалските активисти и ќе се одмори пред да замине во Мадрид.

Инаку, повеќе од 150 приврзаници дојдоа да ја поздрават Тунберг кога пристигна во Лисабон. Меѓу нив беше и Андре Силва, лидер на Португалската партија „Народна партија на природата“, кој ја пофали Тунберг за улогата во „решавањето на најголемата криза на нашето време“.

Нејзиното пристигнување во Лисабон се совпаѓа со објавувањето на не толку оптимистичен извештај од Светската метеоролошка организација, во кој се предупредува дека минатата декада била најтопла од кога се мери времето.

Португалскиот министер за животна средина, Матос Фернандес и се заблагодари на Тунберг за нејзиниот активизам. И португалскиот претседател Марсело Ребело де Соса рече дека е „големо задоволство“ да се биде домаќин на Тунберг во Лисабон, но не отиде да ја пречека.

„Луѓето ја потценуваат моќта на разгневените деца“,рече Тунберг пред новинарите и поддржувачите. „Тие се лути и фрустрирани“. Тунберг изјави дека ќе помине неколку дена во Лисабон пред да замине во Мадрид.

Средбата е можност политичарите да покажат дека добро ги слушнале глобалните повици за акција за да се спаси планетата предводена од Грета Тунберг. Оваа 16-годишна активистка инспирираше милиони луѓе ширум светот за да се приклучат на климатското младинско движење.

Инаку, конференцијата COP25, што се одржува од 2 до 13 декември во Мадрид, треба да даде поттик да се спаси планетата на која државите треба да постават поамбициозни климатски цели и во услови на протести на млади активисти и научни предупредувања , да ја прифатат пораката дека е крајно време за акција .

Преговарачите од 200 земји се собраа на Самитот на ООН во понеделникот за да се договорат правилата за постигнување на договорената цел за намалување на глобалното затоплување според одредбите на Парискиот договор за климата од 2015 година.

Конференцијата COP25 започна со обраќање на генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, кој предупреди дека планетата достигнала точка без враќање.

Главните приоритети на конференцијата треба да бидат воспоставување на заедничка временска рамка во која треба да се реализираат националните планови и да се реши проблемот со меѓународната емисија на јаглерод.

Сето ова се случува додека младите луѓе низ целиот свет протестираат до возрасните дека не се сопственици на Земјата, туку ја позајмиле од идните генерации.

Инаку, Тунберг минатиот петок пропушти голем климатски собир, бидејќи силните ветрови на Атлантикот го забавија нејзиното пристигнување во Лисабон, но таа ќе им се придружи на илјадниците активисти кои ќе протестираат на улиците на Мадрид овој петок.