Лондонскиот градоначалник Садик Кан денеска изјави дека апсурдно е американскиот претседател Доналд Трамп да ги обвинува имигрантите за порастот на криминал во англиската престолнина.
Трамп претходно во интервју за британскиот весник „Сан“ го критикува градоначалникот на Лондон бидејќи, како што наведе, не им се спротивставил на терористите и го обвини за порастот на криминал во градот.
„Идејата дека за оваа проблематика ги обвинува имигрантите од Африка за мене е апсурдна и вакви гафови не смеат да останат незабележани“, рече Кан.
Трамп за „Сан“ рече дека Кан направил многу лоша работа во областа на тероризмот и многу лоша работа во врска со прашањето за криминалот доколку подетаљно се видат сите ужасни работи што се случуваат во Лондон, со целиот криминал што е внесен отстрана.
Во интервјуто Трамп исто така ја критикува британската премиерка, Тереза Меј, за нејзината мека стратегија за брегзит.