Свет 26. мај 2020. / 12:44

Германските сексуални работници бараат дозвола да продолжат со работа

Германските сексуални работници бараат дозвола да продолжат со работа

Асоцијацијата, која здружува работници од германската индустрија за секс, повика на укинување на рестриктивните мерки во врска со нивната работа, а кои беа донесени поради пандемијата на коронавирус.

„Повеќе не е оправдано да се затвораат борделите и да се забранува проституцијата“, се вели во писмото од Здружението, упатено до 16 члена на германскиот парламент, кои неодамна повикаа на забрана за плаќање за сексуални услуги.

„Со оглед на фактот дека ширењето на коронавирусот во целата земја опаѓа, индустријата што нуди сексуални услуги мора да биде во можност повторно да заработи приход и да им понуди на клиентите добра услуга, што е човечка и многу важна за нив“, се вели во писмото.

„За време на кризата со коронавирусот, таквата услуга може да биде од егзистенцијална важност за клиентите“, според германското здружение на сексуални работници, пренесува Хина.

Утврден е и детален хигиенски план и претставен на политичарите. Здружението посочува дека сексуалните работници се особено заинтересирани за хигиената и за нивната здравствена состојба со оглед дека тоа е „нивниот капитал“.