Европа знае дека безбедноста не е бесплатна, а ако Соединетите Американски Држави станат непредвидлив партнер ќе бидат потребни поголеми инвестиции во таа област, изјави германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас.
Мас по турбулентниот самит на НАТО сојузот на кој учествуваше и американскиот претседател Доналд Трамп повика на поголемо почитување на постоечкиот меѓународен поредок.
Американскиот лидер на самитот побара од членките на НАТО да почнат да се движат кон издвојување на 4 отсто од БДП за одбрана, но германскиот министер смета дека со тоа светот не би станал побезбеден.
„Таквото барање нема врска со сериозна безбедносна политика. Наместо тоа итно бараме поголемо почитување на правилата и меѓународниот поредок“, кажа Мас и додаде: „Знаеме дека мирот и безбедноста не се бесплатни“.
Ако САД станат „непредвидлив партнер“, Европа ќе мора повеќе да инвестира во своите безбедност и вооружување, кажа Мас.
Зборувајќи за однесувањето на Трамп на самитот на НАТО, германскиот министер заклучи дека „третманот на меѓународните партнери како статисти во риалити шоу не резултира само со губење на туѓата доверба, туку значи и нанесување штета на сам себе“.