Свет 23. јули 2020. / 10:25

Гејтс го убедува светот дека нема намера да вметнува чипови во вакцините

Гејтс го убедува светот дека нема намера да вметнува чипови во вакцините

Американскиот милијардер Бил Гејтс ги негира теориите на заговор кои кружатво јавноста, а според кои, тој сака да ги користи вакцини против Ковид-19 за во нив да инсталира чипови, односно уреди за следење на луѓето.

Гејтс, чија фондација донираше милиони за истражување и третман на вакцини против корона вирусот, се обрати пред јавноста за да го побие мислењето на дури 28 проценти од анкетираната американска популација, кои веруваат дека идејата на Гејтс е да следи милијарди луѓе ширум светот преку микрочипови.

Мора да ја кажеме вистината, оваа параноја мора да запре – кратко соопшти Гејтс, пренесува „CNBC“.

„ФДА“ сè уште не одобрила лекови или вакцини против Ковид-19, вирусот од кој досега се заразени околу 15 милиони луѓе од целата планета, а починаа најмалку 617.000 луѓе за нешто повеќе од половина година.

Според извештајот на Светската здравствена организација – има повеќе од 100 вакцини, а 23 веќе се тестирани на луѓе. Во февруари, фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ објави дека донирала 100 милиони долари за истражување на вакцина против корона вирусот.

Во јуни, фондацијата вети дополнителни 1,6 милијарди американски долари на сојузот „Гави“, организација која се фокусираше на имунизација на децата за време на пандемијата на вирусот Ковид-19.

Сакаме да бидеме сигурни дека немаме луѓе кои умираат само затоа што немаат пристап до вакцината. Ќе добиеме многу дози на вакцината и ни треба светот да дојде до добар договор. Многу компании се посветени на тоа – изјави Гејтс.

Милијардерот зборуваше и за безбедноста на вакцините, велејќи дека очекува Управата за храна и лекови да направи добра работа за преглед на секоја потенцијална вакцина и покрај притисокот да ја пушти во употреба што е можно поскоро.

Сепак, Американците се сомневаат во тоа. Според истражувањето, само 50 проценти од нив би примиле вакцина против корона вирусот, доколку научниците успеат да направат нешто што е ефикасно. Меѓу Американците кои не сакаат да се вакцинираат, 7 од 10 причини за тоа се недовербата во безбедноста на вакцината.

Гејтс исто така истакна дека за потенцијалната вакцина веројатно ќе бидат потребни две дози, а не една, што би можело дополнително да го ограничи бројот на луѓе кои можат да се вакцинираат кога ќе стане достапна.