Рускиот енергетски гигант Газпром потврди дека има проблеми во изградбата на гасоводот Северен тек 2 од аспект на издавање еврообврзници, навестувајќи дека поради политичкиот притисок би можел да биде присилен да го сопре или откаже проектот.
Акциите на Газпром се вклучени во берзанска котација па пред понудата на обврзници мора да ги извести инвеститорите за сите потенцијални ризици, објаснува Ројтерс.
Во проспектот за издавање еврообврзници, во кој Ројтерс имал увид, компанијата напоменува дека постои ризик проектот на гасоводот Северен тек 2 да биде суспендиран или откажан поради политичкиот притисок.
–Во реализацијата на нашите големи меѓународни проекти, како гасоводот Северен тек 2, се соочивме и можеби и понатаму ќе се сретнуваме со ризици поврзани со промените на политичките услови во повеќе региони, поврзани со таквите проекти, се наведува.
–Во исклучителни околности, вклучувајќи го политичкиот притисок, таквите промени можат да резултираат со прекин или напуштање на гасоводот, додаде Газпром.
Доколку Северен тек 2 биде сопрен или откажан, компанијата би можела да се соочи со финансиски барања од изведувачите, се наведува.
–Од нас би можеле да се бараат надомести, вклучувајќи отштети, казни, надомести за откажувањето и други слични исплати, се објаснува во проспектот.
Гасоводот вреден 11 милијарди долари треба да ги поврзува Русија и Германија и да ги удвои постоечките годишни капацитети на Северен тек на 110 милијарди кубни метри, а стана спорна точка во односите на Москва и Вашингтон, откако САД му воведоа санкции.
Изградбата беше прекината на крајот на 2019 откако главната компанија за поставување цевки Олсис се откажа од аранжманот, плашејќи се од санкции. Работите продолжија во декември минатата година кога во германските води беа поставени цевки на потег долг 2,6 километри.
САД се обидуваат да го блокираат гасоводот за да ја зголемат продажбата на својот поскап течен гас во Европа и неделава воведоа санкции против рускиот брод Фортуна, кој требаше да ја заврши работата со поставувањето цевки на преостанатите делници.
Москва тврди дека проектот е исклучиво комерцијален и Германија сè уште го поддржува, но повторно се најде под притисок откако во Русија беше уапсен опозиционерот Алексеј Навални, кој беше на лекување во Германија.