Свет 02. март 2021. / 16:26

Гана ја почна имунизацијата на граѓаните со вакцини од Ковакс програмата

Гана ја почна имунизацијата на граѓаните со вакцини од Ковакс програмата

Гана денеска почна да ги вакцинира граѓаните против коронавирусот со 600.000 дози вакцина на „АстраЗенека“, која ја доби од глобалната програма за размена на вакцини Ковакс, чија цел е да обезбеди вакцини на земјите во развој за да им помогне во борбата против пандемијата на Ковид-19.

Во Гана се регистрирани повеќе од 84.000 случаи на коронавирус и над 600 смртни случаи, покажуваат податоците на Министерството за здравство, објави „Ројтерс“.

Ковакс има за цел да испорача над 1,3 милијарда дози вакцина во повеќе од 90 земји со низок и среден приход до крајот на годината, опфаќајќи до 20 проценти од нивната популација.

Соседот на Гана, Брегот на Слоновата Коска, вчера започна со вакцинирање против Ковид-19 со вакцини од програмата Ковакс.

Оваа недела се очекува да бидат доставени 11 милиони вакцини на „АстраЗенека“-„Оксфорд“ и „Фајзер“-„Бионтек“ во некои африкански земји, вклучувајќи ги Нигерија и Демократска Република Конго.