Во Франција досега се регистрирани 285 лица заразени со корона вирус, од кои 15 сериозни случаи, а властите очекуваат зголемување на бројот на заразените.
Здравствените власти утврдија дека десетина лица се заразиле на Собирот на евангелистичката црква „Отворена врата“, кој се одржал од 17 до 24 февруари во Мулуз. Еден од заболените е доктор по општа медицина, Џонатан Петершмит, кој сведочи за неговата здравствена состојба.
– Бев внимателен, можеби е полесно за мене затоа што сум лекар. Започна со многу силна настинка, кашлица … Во мојот случај, ова не беа многу сериозни симптоми на грип. Да не слушнев за корона вирусот, не би се ни сомневал во тоа, вели Петершмит.
Министерот за здравство Оливие Веран потсети дека во 80 отсто од случаите, лицата кои биле тестирани и позитивни на тестот, ги имале истите симптоми како настинка, треска, температура, главоболка и потешки респираторни симптоми во 15 отсто од случаите.
Според епидемиолошкиот билтен, најмногу заболени од корона вирусот се на возраст меѓу 18 и 64 години (52 отсто). Потоа млади под 18 години (21 отсто), над 75 години (16 отсто) и од 65 до 74 години (11 отсто).
Се очекува Франција сигурно ќе премине во трета фаза на епидемија и да прогласи ограничено движење на населението.