Свет 25. октомври 2018. / 15:59

Франција ќе ги врати децата на терористите на ИСИС во Сирија

Франција ќе ги врати децата на терористите на ИСИС во Сирија

Франција планира да врати во земјата повеќе од 100 деца на борци на Исламска држава што ги држат курдските сили во Сирија. Француските власти ќе одлучуваат на индивидуална основа дали да вратат околу 150 деца, главно на возраст под шест години, што сега ги држат Сириските демократски сили.

„Француските власти сега влегуваат во активна фаза на евалуација на можноста за враќање на малолетниците. Тоа е во најдобар интерес на децата”, изјави официјален претставник за „Телеграф“.

Мајките мора да се согласат да бидат одвоени од своите деца за тие да бидат вратени бидејќи родителите мора да останат во земјите каде што се наоѓаат и да се соочат со правен прогон од страна на локалните власти.

„На оние кои извршиле злосторства во Ирак и Сирија мора да им се суди во Ирак и во Сирија”, рече француското МНР. „Исклучок се малолетниците чија ситуација ќе се разгледува поединечно и постои посебна должност да се заштитат најдобрите интереси на детето”.

Француската влада соопшти дека побарала репатријација на децата поради стравот дека би можеле да станат радикализирани и да станат милитанти ако останат во Сирија.

Процесот е искомплициран од фактот што Франција не може да ги преземе децата директно од Сириските демократски сили, бидејќи тие не се законски признаена власт. Франција, исто така, нема дипломатски врски со Сирија, што ја спречува да ги земе децата преку владата.

Дипломатски извори велат дека Франција планира да ги предаде децата на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад во Дамаск, а потоа да бидат префрлени во Либан.