Кина стана централна сила во глобалната политика, а според пишувањето на американскиот магазин ,,Форин аферс” од годинава ги надмина САД по големината на дипломатската мрежа.
Со децении Вашингтон имаше таква најголема мрежа во светот. сега ја има Кина која може да се пофали со 276 дипломатски мисии, вклучувајќи амбасади, конзулати и постојани мисии при меѓународните организации. САД, од друга страна, имаат 273 дипломатски мисии.
Оваа промена би можела да претставува пресвртница во натпреварувањето на големите сили.
Некогаш САД го имаа приматот во таа област, но сега односот се изедначува. Така Пекинг отвори пет нови амбасади во последните две години: во Буркина Фасо, Доминиканска Република, Ел Салвадор, Гамбија и Сао Томе и Принципе.
Додека Пекинг и Вашингтон се изедначени по бројот на амбасади, Кина е ненадмината според бројот на конзулати во светот – ги има 96 додека САД имаат 88.
Амбасадите ја рефлектираат политичката моќ, а конзулатите се одраз на економската сила. Фокусот на Кина на конзулатите е во согласност со нејзиното фокусирање на унапредувањето на економската дипломатија во однос на традиционалната.
Така 41 конзулат на Кина се лоцирани во Азија, а 28 се во Европа.
Тоа е во согласност со кинеската инфраструктурна иницијатива Појас и пат, чија вредност се мери во трилиони долари, а целта ѝ е подобо да ја поврзе Кина со овие региони, пишува Форин аферс.