Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, новоименуваната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, и претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли испратија заедничко писмо за отварањето пристапни преговори за влез во ЕУ на Македонија и Албанија, до земјите членки на ЕУ.
– Минатиот Јуни се договоривме да имаме чиста и суштинска дискусија за пристапните преговори за влез во ЕУ на Северна Македонија и Албанија, не подоцна од Октомври 2019. Европската Унија стои пред стратешки избор. Дали ЕУ ќе одлучи да почнат пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, е тест за нивната способност да го исполнат ветеното и да гледаат кон иднината, стои во писмото.
Писмото до земјите членки се осврнува на улогата која ЕУ треба да ја одигра на глобалната сцена како и во заштитата на сопствените интереси. Во тој контекст, пишуваат тие, треба ЕУ да преземе чекор кон оние земји кои се заинтересирани за членство во ЕУ и кои ги исполниле критериумите за отпочнување на преговарачкиот процес.
–Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Исполнувањето бараше значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и одлучност, пишуваат Туск, Фон дер Лејн и Сасоли и признаваат дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес и дека голем реформски напор ќе биде потребен за овие земји да станат полноправни членки.
–Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји, стои во писмото.
Одлуката за почеток на преговори за Албанија и Северна Македонија ЕУ треба да ја донесе на 15 октомври.