Главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи оцени дека вакцината против коронавирусот нема да биде целосно ефикасна.
Според „Скај њуз“, тој на интернет семинарот на универзитетот Браун рекол дека шансите вакцината да биде 100% ефикасна не се големи.
– Не знаеме колку ќе биде ефикасна – дали ќе биде 50 или 60 проценти. Јас би сакал ефикасноста да биде 75% или повеќе, рекол Фаучи.
Тој посочил дека концептот за јавно здравје никогаш не смее да се напушти затоа што е невозможно да се развие вакцина која е ефективна до 98 проценти.
Неколку земји работат на вакцината, а Русија тврди дека веќе ја произведува.
Руската вакцина, создадена од центарот „Гамалеј“, ќе биде регистрирана на 12 август, а првата ќе ја примат медицински работници и постари жители на земјата, рече заменик министерот за здравство на Русија, Олег Гридњев.
Претходно, министерот за здравство, Михаил Мурашко, најави дека масовната вакцинација против коронавирусот во Русија е планирана за октомври.
Американските компании исто така работат на развој на вакцината. Пред две недели, развојот на вакцината на американската фармацевтска компанија „Модерна“ влезе во нова, клучна, трета фаза на клиничко испитување, во кое 30.000 волонтери ќе учествуваат на 87 места низ САД. Резултатите се очекуваат на Денот на благодарноста, 26 ноември.
Доколку резултатите се добри, Управата за храна и лекови на САД (ФДА) би можела, во кратка постапка, да одобри употреба на вакцината кај лица кои се изложени на голем ризик додека се разгледува сеопфатно одобрување, пренесува Business Insider.