Извршниот директор на „Фајзер“ во Италија, Паиви Керкола, во четвртокот рече дека, дури иако Италија ја тужи компанијата за одложувања во испораката на вакцините, сепак ќе продолжи со снабдувањето „како што е предвидено со договорите со Европската комисија“.
Керкола за „Ла Република“ изјави дека сè треба да се врати во нормала веќе оваа недела и дека до крајот на годината треба да бидат доставени 2 милијарди дози на вакцини.
Канцеларијата на државниот јавен обвинител на Италија испрати писмо на Фајзер на почетокот на оваа недела и побара компанијата да ги исполни своите договорни обврски во врска со испораката на вакцината, додека Доменико Аркури, вонреден комесар на земјата за спроведување на здравствените мерки против ковид пандемијата, истакна дека размислува за правни активности против фармацевтскиот гигант во врска со одложувањата.