Свет 31. август 2018. / 18:08

Европските новинари против слободите на интернет, бараат данок на линкови

Европските новинари против слободите на интернет, бараат данок на линкови

Повеќе од стотина угледни новинари и главни уредници од 27 држави членки на ЕУ го поддржаа апелот на својот колега од агенцијата Франс прес Сами Кец во кој се бара од пратениците на Европскиот парламент да го поддржат воведувањето на таканаречениот „данок на линкови“ со кој интернет џиновите би биле приморани да учествуваат во финансирањето на медиумите.

Писмото на Кец кое го потпишаа 103 новинари во вторникот го објави Франс прес на својата интернет страница, а го пренесоа повеќе европски медиуми меѓу кои Монд, Фигаро, Тагесшпигел и други.

Европскиот парламент на почетокот на јуни ги отфрли реформите на европскиот закон за авторски права кој предвидуваше воведување таканаречено „соседно или сродно авторско право“, или таканаречениот „данок на линкови“.

Парламентот повторно за тој предлог закон ќе гласа на 12 септември.

Спорни се два елементи од законот.

Првиот е членот 13 според кој платформите како Јутјуб на Гугл би биле законски одговорни за контролата на користење на содржини заштитени со авторски права за да се спречи крадењето на нивните автори.

Вториот е членот 11 со кој би се вовел „данокот на линкови“, а според кој весниците, списанијата и новинските агенции би морале да добиваат надомест за авторски права кога Гугл или други интернет страници би споделувале линкови до нивните написи, вклучувајќи и кратки исечоци од содржината на написите.

Интернет џиновите наречени ГАФА (Гугл, Епл, Фејсбук и Амазон) водат жестока либистичка кампања против европските институции против оваа реформа, тврдејќи дека таа може да ја загрози слободата на интернетот.

„Во повеќе од 40 години кариера сведочев на постојано намалување на новинарите на терен, а ризиците не престанаа да растат. Станавме мети и репортажите се сѐ поскапи“, се наведува во апелот на Семи Кец, директор на АФП во Багдад, кој за агенцијата известувал од голем број кризни региони.

„Заврши времето кога одев во војна во јакна и кошула со бележник во џеб, со фотограф или снимател. Денес се неопходни панцирен елек, шлем, оклопни возила, понекогаш чувари за да не нѐ киднапираат. Кој ги плаќа тие трошоци: Медиумите и тоа е скапо“, додава Кец.

„Но медиумите, кои произведуваат содржини и ги испраќаат своите новинари да ги ризикуваат животите за да стигнат до сигурна, плуралистичка и комплетна информација за сѐ повисока цена, не се оние кои од тоа имаат ќар туку платформите кои ги објавуваат без плаќање. Тоа е како да работите, а некоја трета страна да ви го собира без срам плодот на вашата работа“.

„Медиумите од сега сакаат да ги искористат своите права за да можат да продолжат да информираат, бараат да се споделуваат приходите со произведувачите на тие содржини, без оглед дали се медиуми или уметници. Тоа се „соседни права““, се порачува во текстот во кој се отфрла „лагата која ја шират Гугл и Фејсбук според кои директивата за „соседните права“ ја загрозува слободата на интернетот“.

„Станува збор за заштита на слободата на печатот, бидејќи ако весниците повеќе немаат новинари, повеќе нема да ја има слободата на која пратениците, без оглед од која политичка ориентација се, ѝ се толку приврзани“, се истакнува во апелот, во кој се бара од европратениците „во голем број да гласаат за примена на „соседните права“ на медиумските куќи за да живее демократијата и еден од нејзините најистакнати симболи: новинарството“.