Министрите за внатрешни работи на ЕУ одржаа виртуелен состанок на кој, меѓу другото, разговарале за постепеното отворање на внатрешните и на надворешните граници на ЕУ, но сѐ уште не е постигнат краен договор.
Министрите, како и Европската Комисија, инсистираат дека секое укинување на рестрикциите за патување мора да се носат на координиран начин, особено меѓу соседни држави. Земјите членки на ЕУ редовно се координираат за непречено движење на есенцијални стоки и производи како и медицинската опрема.
Граничните рестрикции воведени на почетокот на пандемијата, европските министри оцениле дека границите би можеле постепено да се отворат почнувајќи од регионите каде што е регистриран пад на случаи на Ковид-19 – информираат од хрватското претседателство кое го водело состанок.
Сепак, нема поставени рокови, а министрите ќе продолжат интензивно да дискутираат на оваа тема во наредните денови.
Се разговарало и за опцијата за употреба на мобилни апликации за следење на контактите како една од клучните мерки за укинување на рестрикциите.
Повторено е дека без разлика на тоа која апликација се користи таа мора целосно да ги почитува уредбите од Регулативата на ЕУ за заштита на личните податоци и да се користи на доброволна основа. Одредени земји сметаат дека е потребна една единствена апликација, додека други земји веќе имаат воведено свои.
Хрватското претседателство инсистира дека и во овој дел е клучно земјите членки на ЕУ да се координираат.
Координацијата помеѓу земјите членки е исто важно во овој контекст затоа што овие апликации можат да придонесат за олеснување или укинување на граничните контроли и потенцијално за укинување на забраните за влез на надворешните граници на ЕУ – порачаа од хрватското претседателство.
Европската Унија изразила загриженост и поради зголемената стапка на сајберкриминалот откако почнала пандемијата, вклучително и ширењето лажни вести, продажба на фалсификувани производи, но и трговијата со дрога, бегалци и мигранти.