Конечно постигнавме договор, изјави претседателката на Европска комисија Урсула фон дер Лајен по повод трговскиот договор помеѓу Европска Унија и Велика Британија.
Договорот е постигнат една недела пред истекот на транзицискиот период на Брегзит и по повеќе од четири години откако Велика Британија излезе од ЕУ. Лајен на прес-конференција во Брисел истакна дека Договорот е за праведно учество на единствениот пазар каде се почитуваат правата и стандардите на ЕУ. Таа додаде дека ќе продолжи соработката со Велика Британија, како „трета земја“ во сите области од заеднички интерес, како што се климатските промени, безбедноста и транспортот.
Заедно можеме да направиме многу повеќе отколку одвоени, истакна Лајен.
Постигнатиот договор ЕК треба да го потврди на состанок на еврокомесарите, како и парламентите на ЕУ и на Велика Британија.
Во европскиот буџет се предвидени пет милијарди евра помош за европските компании и сите кои ќе бидат погодени од конечното раздвојување на Велика Британија на 31 декември 2020 година.
Претседателот на Европскиот Совет (ЕС), Шарл Мишел изјави дека постигнувањето договор за воспоставување на блиски односи помеѓу Европската Унија и Велика Британија е „голем чекор напред“ .
– За нашите граѓани и компании сеопфатниот договор со нашиот сосед, пријател и сојузник е најдобар исход, посочи Мишел.
Тој истакна дека ЕУ во преговорите со Велика Британија покажала единство и одлучност.
– Ова беа многу предизвикувачки преговори, но процесот не е завршен. Сега е време ЕС и Европски парламент да го анализираат договорот постигнат на ниво на преговарачи, пред да дадат зелено светло, наведе Мишел.
Постигнатиот договор ЕК треба да го потврди на состанок на еврокомесарите, како и парламентите на ЕУ и на Велика Британија.