Вниметелно со размена на територии, оваа е една од пораките од неформалниот министерски состанок во Виена. Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан изјави дека секој договор меѓу Србија и Косово треба да придонесе за мирот и стабилноста на Западниот Балкан и дека е постигнат напредок во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, иако е премногу рано да се зборува за детали.
Германскиот шеф на дипломатијата Мас изрази скептицизам и потенцираше дека размената на територии може да отвори многу стари рани меѓу населението во Косово и Србија.
– Не веруваме дека разговорите за размена на територија меѓу Косово и Србија се продуктивни. Ние сметаме дека ова би можело да отвори многу стари рани помеѓу населението. И затоа сме многу скептични во врска со ова, изјави Хајко Мас, министер за надворешни работи на Германија.
Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека Европската унија ќе го поддржи секој договор помеѓу Белград и Приштина, кој е во согласност со меѓународното право и европските правни норми. Европската комисија сака да ги заврши преговорите меѓу Белград и Приштина во наредните месеци, пред крајот на мандатот на Комисијата, но дека решението мора да биде во согласност со европските вредности кои се против етнички чисти земји.
– Сакам да ја нагласам улогата на австриското претседателствување после бугарското, а предходно и романското. Тоа ни дава многу добра рамка за дефинирање на работите кои ги правиме со Западен Балкан и со Западниот Балкан како приозирете на ЕУ. Посебно се вложивме на поддршката на дијалогот меѓу Белград и Приштина којшто ќе го одржам следната недела, точно една недела од сега, со цел да продолжиме со олеснување во постигнувањето на правно обврзувачки договор, рече Федерика Могерини високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
До новиот состанок на седми септември продолжува набиената агенда на косовскиот и српскиот претседател. Во меѓувреме тие се на постојана линија и со помошник државниот секретар на САД Вес Мичел. По последниот телефонски разговор со него Хашим Тачи задоволен – не станало збор за размена на територии, а Александар Вуќич изјави дека ќе биде многу тешко да се постигне договор меѓу Белгард и Приштина.