Свет 15. август 2018. / 14:43

Европските бискупи ги повикаа земјите на ЕУ да ги отворат вратите за мигрантите

Европските бискупи ги повикаа земјите на ЕУ да ги отворат вратите за мигрантите

Во услови на се поголема поларизираност меѓу земјите членки на Европската Унија околу миграциските прашања, европските бискупии се во потрага по единство во согласност со вредностите на Католичката црква, јави дописничката на МИА од Брисел.

Надбискупот на францускиот град Марсеј, Жорж Понтие признава дека е тешко да се најде „вистинскиот тон“ во оваа дебата, заглавени помеѓу црковните вредноси на солидарност и помош и се понегативните ставови на европските граѓани, вклучително и на верниците, кон мигрантите и бегалците.

Покрај тоа, Понтие продолжува да ги поддржува невладините организации кои спасуваат животи во Медитеранот и покрај контроверзите со бродот “Аквариус“, кој четири дена не можеше да најде пристаниште за мигрантите кои ги пренесуваше.

– Спасувањето е императив, вели Понтие во интервју за францускиот весник „Монд“.

Надбискупот ги повикува земјите членки на ЕУ да покажат „способност за прием“ на мигрантите и бегалците.

-Не можеме да фаворизираме општество на рамнодушност, тоа не носи иднина ниту живот. Видовме што се случува во сите области, кога ја фаворизираме само грижата за самите себе и кога солидарноста не доаѓа до израз. Во наша корист е да ја почитуваме нашата европска култура, културата на солидарноста, вели Понтие.

Бускупот од шпаснкиот град Асторга, Хуан Антонио Менендез, пак, ги предупреди властите да внимаваат да не шират невистини, затоа што „граѓаните ќе почнаат да веруваат во нив“ и да внимаваат на коментарите.

Пред Католичката Црква, чиј поглавар, папата Франциско повеќепати ги повика и државите и семејствата да ги отворат своите врати за мигрантите и да ја почитуваат солидарноста како врвна христијанска вредност, освен битката во сопствените редови на Запад, претстои и соочување со Источна Европа, каде Црквата и нејзините членови остро се спротиставуваат на мигранти од различни вери.