Свет 11. октомври 2018. / 18:15

Европската Комисија предлага „хуманитарни визи“ за полесно справување со миграцијата

Европската Комисија предлага „хуманитарни визи“ за полесно справување со миграцијата

Комисија од Европската Унија даде предлог за издавање на т.н. „хуманитарни визи“ со кои ќе промовира регуларна миграција и ќе се спречат смртни случаи преку нелегалните миграциски рути до земјите на ЕУ.

„Земјите од ЕУ треба да издаваат хуманитарни визи во амбасадите и конзулатите во странство, па така оние лица кои бараат заштита ќе бидат во можност да влезат во Европа без да ризикуваат да го загуват животот“, се вели во соопштени на Европскиот парламент по средбата на Комисијата за цивилна слобода.

Предлогот во форма на нацрт-закон ќе биде доставен до Европската комисија најдоцна до 31 март 2019.

„И покрај бројните најави и барања за обезбедување безбедни и легални премини за лицата кои бараат азил во Европа, ЕУ не дојде до усогласен план за заштита при процедурата за влез“, се вели во соопштението.

Повеќе од 90 проценти од лицата на кои им е издадена потврда за меѓународна заштита пристигнале во Европа преку нелегални премини, додава ЕП.

Секој кој ќе аплицира мора да помине скрининг пред да ја добие визата, се наведува во предлогот.

„Денешното гласање е мал чекор, но испаќа многу важна политичка порака до Европската Комисија,“ вели Хуан Фернандо Лопез Агилар.

„Треба да сториме повеќе за да им помогнеме на овие луѓе, бидејќи во моментов не постојат доволно легални и безбедни премини во ЕУ за оние кои бараат заштита од меѓународната заедница“, додава Агилар.

Доколку предлогот биде усвоен со мнозинство гласови на пленарната седница во ноември, комисијата ќе мора да одговори на барањето на парламентот, се наведува во соопштението.