Бидејки ситуацијата се повеќе излегува од контрола, челниците на ЕУ договорија вонреден самит кој ќе се одржи во недела на 24 Јуни, пред редовниот самит на 28 и 29 Јуни во Брисел, посветен на проблемите со имигрантите. „Мигрантската криза би требала да биде надмината со заедничка европска политика, која ќе опфаќа реформи во политиката со азил, прифаќање или евентуално депортирање на имигрантите“ изјави германската канцеларка Ангела Меркел, чија Влада е под силен притисок поради се поголемиот број имигранти.
Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, најави дека на вонредниот самит, засега е сигурно учеството на Германија, Франција, Австрија, Италија и Бугарија. Ситуацијата особено е комплицирана во Германија и Италија, каде министрите за внатрешни работи Матео Салвини и Хорст Зехофер, најавија силно заострување на безбедносните мерки при справувањето со било кој имигрантски проблем, што не би требало да се случи без взаемна координација.
Она што е засега познато, е дека ЕУ има намера да отвори прифатни центри вон Унијата, каде би се разгледувале барањата за азил, на секој имигрант одделно.