Свет 03. август 2018. / 15:37

Европа се бори со суша, а Македонија со дождови и влага

Европа се бори со суша, а Македонија со дождови и влага

Жешкиот бран што ја зафати Европа предизвикува големи проблеми на земјоделците во Германија, Британија, Полска и Скандинавија. Додека, пак, македонските земјоделци мака мачат да го заштитат домашното земјоделско производство од дождовите и влагата

Додека нашите земјоделци мака мачат да ги заштитат полјоделските култури од преголемата влага која се појави како резултат на честите врнежи, во Европа земјоделците се борат со суша од невидени размери, која се заканува да им го уништи целиот род. Ова особено ги загрижува македонските земјоделци од аспект на фактот дека пченицата е берзански производ така што секоја промена на цената во светски рамки може да влијае и врз цената на домашната пченица.

Честите врнежи негативно се одразуваат во полјоделското производство, бидејќи вишокот на вода после подолго време предизвикува ерозија на почвата и долгорочни штети. Доколку оваа вода е загадена или пребогата со одредени супстанци може да се оштети почвата и на долг рок. Според експертите, постојат системите за одводнување за да се контролира ваквиот процес но кај нас за жал не функционираат
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев, вели дека влагата негативно се одразува врз пченицата, меѓутоа зависи од кое место е пченицата и колку врнежи имало.

– Секое поднебје е различно, некаде е посушно, а некаде има повеќе влага. Како и да е, приносите на пченицата годинава се под очекувањата. Во Источна Македонија поради поголемите врнежи приносите од пченицата се под очекувањата, додека пак во ападна Македонија состојбата е нешто подобра, приносите се поголеми но повторно се под очекувањата за годинава, вели Шаклев.