Свет 28. мај 2020. / 15:14

Европа пред сериозна должничка криза: Просторот за намалување на трошоците е многу мал

Европа пред сериозна должничка криза: Просторот за намалување на трошоците е многу мал

Глобалниот БДП нема да се врати на нивото пред корона кризата до 2022 година, а нивото на јавниот долг нагло ќе се зголеми оваа година, се вели во најновиот извештај на „Economist Intelligence Unit“.

Причина за тоа е што застојот во светот, предизвикан поради мерките против ширењето на корона вирусот, ги отежна економските активности, а владите мораа да трошат милијарди долари за фискален поттик, притоа работејќи со намалени приходи и зголемени здравствени и социјални трошоци.

Во извештајот се наведува дека владите во голем број развиени земји, како што изгледа, извлекле заклучок дека зголемената јавна потрошувачка, а со тоа и зголемување на јавниот долг, е подобра опција од „големо уништување на производствените капацитети“ предизвикано од пандемијата. Тоа значи свесно и неизбежно зголемување на јавниот долг оваа година.

Иако земјите со стабилни бизниси би требало да бидат во можност да управуваат со трошоците за сервисирање на високо ниво на јавен долг на краток рок, економистите на „Economist Intelligence Unit“ истакнуваат дека владите, сепак, на крајот ќе мора да се соочат со насобирање на долгови.

Покрај тоа, се наведува во извештајот, владите нема да можат да ги намалат овие фискални дефицити со намалената потрошувачка.

Строгото штедење апсорбира политички капитал и можеби нема да има доволно време да се спроведе таков план, особено имајќи предвид дека последниот период се случи „затегање на јажето“ во многу земји – велат експертите.

Девет години од должничката криза која ја потресе еврозоната, економистите од „Economist Intelligence Unit“ предупредуваат дека некои од развиените земји можеби повторно ќе се најдат на раб на нова криза. Особено тука се посочуваат Шпанија и Италија, кои се тешко погодени од пандемијата, а и без тоа беа на слаби финансиски позиции.

Јужноевропските држави се уште се опоравуваат од штедењето во претходниот период, во комбинација со високо ниво на јавен долг, стареење на населението и постојаниот финансиски дефицит – се вели во извештајот.

Европската централна банка би делувала брзо за да се спречи колапс, но должничката криза во било која од овие земји би предизвикала големи турбуленции на финансиските пазари. Потоа кризата брзо би се проширила низ цел свет, се вели во заклучокот од документот.