Европската комисија подготвува специфични и многу тесно фокусирани планови во случај да не се постигне договор за идните односи со Велика Британија, изјави денеска европската комесарка за финансиски услуги Мерид Мекгинис.
– Денеска подготвуваме планови за вонредни состојби, многу специфични и многу тесно фокусирани, за да се осигураме дека во отсуство на договор во сектори кои се ранливи, транспорт, воздушен транспорт, би ја одржале поврзаноста, рече Мекгинис пред ирскиот парламентарен комитет.
Таа додаде дека не е многу охрабрена од денешниот говор на британскиот премиер во Долниот дом.
Борис Џонсон, денеска во долниот дом на британскиот Парламент рече дека ЕУ поставува неприфатливи услови.
– Нашите пријатели во Европската унија во моментов инсистираат на тоа дека ако тие усвојат нов закон во иднина што ние во оваа земја нема да го почитуваме … тогаш тие сакаат автоматско право … да нè казнат и да возвратат, рече тој.