Неексплодирана бомба од Втората светска војна откриена во англискиот град Ексетер, на приватно земјиште во близина на локален студентски дом, ќе биде детонирана, соопшти полицијата.
– Илјадници лица се евакуирани од домовите во градот каде властите сè уште ја испитуваат експлозивната направа, пренесува „Гардијан“.
Полицијата денеска направи кордон околу бомбата, долг 400 метри, а 2.600 домаќинства беа евакуирани во петокот вечерта и денеска.
Покрај домаќинствата, беа испразнети и 12 универзитетски сали во зградата, а исто така се евакуирани и 1.400 студенти од кампусот.
Универзитетот во Ексетер потврди дека студентите биле префрлени во хотели и добиле „предмети за лична употреба и храна“.
Портпарол на полицијата во Девон и Корнвол изјави дека времето на детонацијата сè уште не е познато, но додаде дека е планирана контролна детонација и тоа може да се случи вечерва.