Европската служба за надворешни работи повторно ги повика сите страни инволвирани во либискиот конфликт да им стават крај на воените акции и да го возобноват политичкиот дијалог.
– Не постои воено решение за кризата во Либија, единственото решение е политичко, преговори врз основа на неодамнешните предлози на Обединетите Нации. Сите членови на меѓународната заедница треба да го почитуваат ембаргото на ОН вез оружјето – изјави портпаролот на Европската надворешна служба, Петер Стано.
Либија е поделена на повеќе воени и политички табори. Таборот на генералот Калифа Хафтар има поддршка од Египет, Арапските Емирати и Русија. Силите на Хафтар речиси една година се обидуваат да заземат контрола врз главниот град Триполи.
Силите на Фајез Ел Сераж ја имаат поддршката на Турција.
САД и ЕУ сметаат дека воените дејствија не можат да донесат решение во оваа земја и бараат политички дијалог помеѓу сите страни како и почитување на ембаргото на ОН. Вашингтон и Брисел го поддржуваат претставникот на ОН, Хасан Саламе, „како единствен пат кон возобновување на политичкиот процес во Либија“.