Претседателите на земјите членки на ЕУ денеска во Рига предупредија дека популистите и националистите сакаат крај на Европската Унија, отворено сугерирајки им на сите гласачи во Унијата да не ги поддржуваат ваквите партии на било кои наредни избори.
Многу европски политичари претстојните избори во Eвропскиот парламент ги оценуваат како историски поради односите меѓу партиите кои го одобруваат ограничениот суверенитет на државите помовиран од Брисел, и оние кои се залагаат за доминација на националните интереси во рамките на сопствените држави.
Франција и Германија се главните противници на националистичкиот популистички блок предводен од Унгарија и Италија. Блокот на Унгарија и Италија се повеќе наидува на поддршка во Полска и Чешка, додека пак во Германија ваквите сили се се посилни дури и во ЦДУ, партијата на Ангела Меркел.
Тринаесет претседатели на земјите членки на т.н. Араиолос група денеска испратија силна проевропска порака од главниот град на Латвија, дека пост-изборната Европа мора да остане посветена на своите основни вредности на демократија, човекови права и солидарност.
Иако беше најавено, унгарскиот претседател не учествуваше на состанокот на европските претседатели без извршни овластувања, како што изјавија организаторите, поради неговиот густ распоред.
Групата Араиолос ја чинат претседателите на земјите членки на ЕУ без извршни овластувања, кои на годишни неформални состаноци разговараат за виталните прашања за Европа.