Свет 06. мај 2020. / 14:03

ЕУ: Невработеноста во Еврозоната ќе се зголеми на 9,6%

ЕУ: Невработеноста во Еврозоната ќе се зголеми на 9,6%

Европската комисија денеска соопшти дека очекува невработеноста во Еврозоната да се искачи на 9,6% во 2020 година од 7,5% минатата година. Проценките се дека невработеноста ќе падне на 8,6% во 2021 година.

Комисијата исто така истакна дека инвестициите во Еврозоната ќе паднат за 13,3% во 2020 година, откако минатата година се зголемиле за 5,7%. Сепак, се очекува враќањето да се случи во 2021 година на 10,2%.

Во својот документ за економска прогноза, генералниот директор за економски и финансиски прашања, Мартин Вервеј, напиша дека во тековниот квартал економското производство во ЕУ е предвидено да биде скоро 16% пониско отколку во последниот квартал од 2019 година.

– Иако се очекува активноста повторно да продолжи со штотуку иницираното, постепено олеснување на мерките за ограничување, контракцијата во БДП на Европската унија оваа година се очекува да биде 7,5%, што е повеќе отколку за време на финансиската криза во 2009 година, посочи тој.

Вервеј додаде дека недостигот на инвестиции во однос на есенската прогноза, се проценува на околу 850 милијарди евра во 2020 и 2021 година, а падот на вработеноста ќе го намали производствениот потенцијал на економијата, спречувајќи враќање на претходната траекторија на производството.