ЕУ сака да се одбрани од санкции
Могерини се спротивстави на заканата од САД дека новите санкции против Иран треба да бидат применети и против сите држави кои соработуваат со Иран, значи и против ЕУ. „Сега ќе се договараме тесно меѓусебе, но решително ќе ги браниме нашите економски интереси.“
ЕУ веќе работи на постапка за да ги заштити банките и фирмите во ЕУ од т.н. секундарни санкции на САД. „ЕУ е црвсто решена да го продолжи договорот со Иран“, изјави Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика. Уште пред најавата на американскиот претседател Трамп, претставници на три ЕУ-држави – Велика Британија, Франција и Германија – кои учествуваа во постигнувањето на договорот, се сретнаа со ирански претсавници во Брисел. Ним им е дадено уверување дека ќе има придржување до договорот и без САД, сѐ додека Иран се држи до договореното – значи сѐ додека облагородува и употребува уран само за цивилни цели.
Како натаму?
Могерини не се осврна директно на понудата на Доналд Трамп сега да „соработува тесно со сојузниците“ за да се спречи заканата од Иран. ЕУ-дипломати претходно во Брисел рекоа дека САД во последните месеци се спротивставувале на сите обиди за наоѓање компромис. Американската администрација ја одбила дури и понудата на францускиот претседател Емануел Макрон при неговата последна посета на Вашингтон во април, за нови преговори околу договорот со Иран и негово дополнување.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика во Рим направи необичен потег, со тоа што директно му се обрати на иранското население. „Не дозволувајте кој било да го откаже договорот. Тоа е едно од најголемите достигнувањата на нашето време. Можеме да најдеме заеднички интереси“, рече таа.
Обраќајќи му се на американскиот претседател, Могерини претходно рече дека е „многу загрижена“ околу неговите одлуки. Од аспект на Европејците ова не е првпат американскиот претседател да ги изигра сите важечки дипломатски правила, да постапува спротивно на сојузниците и да дејствува сам. Трамп еднострано го откажа Договорот за климата од Париз и ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Освен тоа, им се заканува на ЕУ-државите со казнени царини на челик и алуминиум.