Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит Мишел Барние не ги прифати клучните елементи на британскиот предлог за трговските односи со ЕУ по Брегзит.
Барние изјави дека ЕУ нема да ги прифати предлозите на Лондон за создавање на зона на слободна трговија за индустриска стока и можноста Британија да собира царини на стоката која влегува на нејзина територија, а крајното одредиште е во ЕУ.
„Тоа би го довело во прашање интегритетот на единствениот пазар. Такво нешто не доаѓа предвид“, им кажа Барние на членовите на комисијата во Брисел.
Овие изјави одат во корист на оние кои сѐ повеќе го критикуваат планот за кој се залага британската премиерка Тереза Меј и кои сакаат зачувување на блиските трговски врски со ЕУ.
Планот го критикуваа и поддржувачите на брегзитот во редовите на владејачките конзервативци како и оние кои се залагаат за останува на Британија во ЕУ.
Барние потврди дека се уредени 80 отсто од разликите, но предупреди дека сѐ би можело да пропадне ако не се постигне договор за границата меѓу британска Северна Ирска и Ирска, членката на ЕУ.
Ни Лондон ни Брисел не сакаат воспоставување гранични контроли, плашејќи се од заканите за мировниот договор во Северна Ирска, но не се сложуваат околу начинот на кој тие би се избегнале.
ЕУ од Лондон бара да работи на таканаречено „бекстоп“ решение, или „безбедносна мрежа“, кое би било применето ако не се постигне подобар договор.
Британската влада, меѓутоа, се плаши дека таквиот план, според кој Северна Ирска би останала дел од царинската унија и единствениот пазар, би можел да го загрози територијалниот интегритет на Британија.
„Ако нема оперативен бекстоп за Ирска, нема да има договор“, предупреди Барние.