Европската Унија ќе реагира на целосната имплементација на законот Хелмс-Бартон во САД, кој овозможува Кубанците протерани по 1959 да бараат обесштетување за конфискуваниот имот на Куба, се вели во соопштението на шефицата на европската дипломатија.
Според одлуката на САД, од денес може да се применуваат делови од законите од 1966 година, кои беа суспендирани. Суспендирани беа одредбите на законот што им овозможуваа на Американците со кубанско потекло да тужат некого што имал профит од нивниот национализиран или конфискуван имот на Куба.
Федерика Могерини изјави дека Европската Унија смета дека примената на овие одредби е „спротивна на меѓународното право“ и дека ќе ги употреби сите соодветни мерки за да одговори на последиците од законот Хелмс-Бартон, вклучувајќи ги и правата во рамките на Светската трговска организација.
ЕУ заедно со Канада веќе ги осуди мерките на САД кога државниот секретар Мајк Помпео најави дека Соединетите Држави од 2 мај ќе дозволат можност за отворање милиони тужби против странските фирми присутни на Куба, и покрај претходните предупредувања од европските дваесет и осум земји.
Могерини денеска повторно изрази длабоко жалење поради оваа одлука.
Таа рече дека со спроведување на одлуката се прекршуваат обврските од договорите на ЕУ и САД од 1997 и 1998 година, кои двете страни оттогаш ги применуваа.
Според одредбите од законот Хелмс-Бартон усвоени од САД во 1966 година, Кубанците во егзил можат да гонат пред американските федерални судови компании што стекнале добивка благодарение на имот национализиран по 1959 година.
Тие одредби американските претседатели почнувајќи од Бил Клинтон не ги применуваа токму за да не влезат во конфликт со меѓународните сојузници на САД.
Оваа одлука предизвикува непотребни тензии и ја нарушува довербата кон трансатлантското партнерство и неговата предвидливост, рече Могерини