Свет 15. април 2020. / 23:15

ЕУ ќе организира донаторска конференција на 4 мај

ЕУ ќе организира донаторска конференција на 4 мај

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе организира донаторска конференција преку Интернет на 4 мај за да собере средства за истражување за пронаоѓање на вакцината против новиот  корона вирус.

Вакцината е „нашата најдобра колективна шанса да го победиме вирусот“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција.

Донаторската конференција, додаде таа, „ќе овозможи да се разгледаат проблемите со недостаток во финансирањето и да се најдат иновативни и правични решенија“.

Фон дер Лајен додаде дека конференцијата ќе биде организирана во координација со Светската здравствена организација.

-Се надевам дека земји и организации од целиот свет ќе одговорат на овој повик, рече претседателот на Европската комисија.

Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, на истата прес-конференција го претстави планот за координиран излез од изолацијата во Европската унија. „Очигледно е дека општествата ќе треба да живеат со вирусот сè додека не се најде вакцина или третман“, рече тој.

Во тек е светска трка за пронаоѓање на вакцина против вирусот. Фармацевтските гиганти Саноф и ГСК вчера објавија дека ќе ги здружат силите за да најдат вакцина, со резултати што се очекуваат до 2021 година.