Свет 20. март 2019. / 13:21

ЕУ го казни гугл 1,5 милијарди евра

ЕУ го казни гугл 1,5 милијарди евра

Регулаторната комисија на Европската унија реши да му изрече парична казна на Google во висина од 1,5 милијарди евра поради гушење и попречување на конкуренцијата во пазарот на дигитален маркетинг, каде Google и онака доминира. Ова е трета поголема парична казна која Google ја доби од ЕУ.

Последната истрага беше фокусирана околу бизнисот на Google наречен AdSense, преку кој компанијата поставува полиња за пребарување на веб-страници управувани од трети лица, како што се информативни портали и извори на вести.

Комисијата вели дека Google ја злоупотребил својата позиција за да може преку вештачки начин да го намали изборот и да ја „загуши иновацијата“ во начините на кои веб-страниците прикажуваат реклами од нивните ривали.

Минатата година Google доби рекордна казна од 4,3 милијарди долари поради користење на нивниот оперативен систем Android за блокирање на ривалите, а една година претходно беше казнет со 2,4 милијарди поради блокирање на ривалските компании кои имаат веб-страници за споредба на цени.

Европската комисија изјави дека компанијата Google го користела нејзиниот софтвер за да може на нефер начин да ја зголеми доминацијата на нивниот пребарувач и „им ја одземала можноста на европските корисници да уживаат во придобивките од фер и ефективна конкуренција“.