Европската комисија ќе ги забрза подготовките за случајот на Велика Британија да ја напушти ЕУ без спогодба за уредување на разводот, рече претседателот на ЕК Жан Клод Јункер.
Нашите британски пријатели треба да кажат што сакаат место да ни кажуваат што сакаме ние, рече синоќа Јункер по самитот на лидерите на ЕУ посветен на Брегзит и додаде дека ЕК во среда 19 декември ќе објави корисни информации кои се однесуваат на подготовките за Брегизт без спогодба.
Претседателот на Советот Доналд Туск, рече дека британската премиерка Тереза Меј има тешкотии да го убеди британскиот парламент да одобри спогодба и дека барала дополнително осигурување.
Јункер оцени дека е „незамисливо“ Велика Британија да мисли дека ЕУ треба да „понуди одговори“. „Се работи за тоа дека британската влада треба да ни каже што точно сака“, наведе тој. Исто така, рече дека му е „тешко да го разбере расположението на британските пратеници“.
Според еден извор, атмосферата на работната вечера била „многу лоша“. Тој извор додава дека „Тереза Меј не била способна да изрази што сака“ како и дека германската канцеларка Ангела Меркел често ја прекинувала и прашувала што точно очекува.
Меј може да очекува помош само ако следните недели се појави со конкретен предлог, вели друг извор.
Британската влада го одреди 21 јануари како последен рок за гласање за спогодбата во парламентот.
Европскиот совет во заклучоците повтори дека „сигурносната мрежа“ (backstop) за ирската граница е планирана како привремена мерка и дека дури и да дојде до нејзина промена, ЕУ „ќе направи се во нејзина моќ за брзо заклучување на спогодбата која би ја заменила“.