Европската Унија денес соопшти дека „нема значителен напредок“ за брегзитот околу клучното прашање на ирската граница и ги посоветува членките на Унијата да се подготват за можноста Британија да излезе од ЕУ без договор.
На крајот на самитот во Брисел, останатите 27 членки ѝ порачаа на Велика Британија дека мора да состави „реалистични и изводливи предлози“ за тоа какви односи сака со ЕУ.
„Претстои многу работа, најтешките задачи не се решени“, им кажа на новинарите претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
На брегзитот на овој самит му беше посветено помалку време бидејќи во фокусот на состанокот беше како да се ублажи политичката криза околу миграциите.
Девет месеци до официјалното излегување на Велика Британија од ЕУ, фрустрираните функционери на Унијата велат дека поделбите во британската влада околу брегзитот го спречуваат напредувањето на договорот за раздружување.
ЕУ е загрижена што сѐ уште нема суштински напредок за границата на Ирска и Северна Ирска, што е една од најспорните точки на раздружувањето.
Британија вети дека ќе одржи „невидлива граница“ – без царински контроли и други административни инфраструктури на својата единствена копнена граница со некоја членка на ЕУ.
Брисел, меѓутоа, сака да слушне детали како тоа ќе се постигне имајќи го предвид инсистирање на премиерката Тереза Меј Британија да излезе од царинската унија.