Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган жестоко го критикуваше односот на францускиот претседател Емануел Макрон кон муслиманите.
Ердоган дури го доведе во прашање неговото ментално здравје.
-Сѐ што може да се каже за шефот на државата кој на таков начин третира милиони припадници на различни верски заедници е – прво провери го сопственото ментално здравје, кажа Ердоган.
Турскиот лидер пред две недели ги осуди како провокација изјавите на Макрон за „исламскиот сепаратизам“ и потребата исламот во Франција да се „структуира“.
Предлог законот за борба против „сепаратизмот“ во Франција, чија мета е радикалниот ислам, треба да се најде во парламентот на почетокот на декември. Целта е да се зајакне секуларност и да се консолидираат републиканските принципи.
Но, планираната засилена контрола на финансирањето на џамиите и забраната за школување на имамите во странство може да доведат до тензии во односите со Турција.
Тоа е најновото во долагата низа несогласувања на Макрон и Ердоган, кој често се поставува како заштитник на муслиманските малцинства во Европа и во светот.
Меѓу прашањата за кои Анкара и Париз имаат дијаметрално спротивни ставови се прашања на нафтата и гасот во Средоземното Море, Либија, како и конфликтот во Нагорно Карабах.