Свет 13. август 2018. / 10:22

Ердоган ветува нови пазари и сојузници за Турција

Ердоган ветува нови пазари и сојузници за Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги предупреди бизнисмените дека ќе преземе драстични мерки ако нивните компании ги повлечат странските валути од банките во екот на кризата во таа земја предизвикана од падот на турската лира. Претходно тој ги повика Турците да ги продадат доларите и еврата за да ја поддржат лирата.

Во обраќањето во градот Трабзон Ердоган наведе дека фирмите треба да знаат „оти држењето на Турција жива и исправена не е само работа на политичарите, туку и на индустријалците и трговците“.

Тој најави и акционен план со цел справување со сегашната криза.

Ердоган се осврна и врз барањето на Вашингтон за ослободување на евангелистичкиот свештеник Ендру Брансон, на кој во Турција му се суди за тероризам.

Притоа тој откри детали за преговорите што се одржаа во минатата недела меѓу двете земји, наведувајќи дека Вашингтон се заканил сосанкции ако Турција одбие да го ослободи свештеникот.