Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека „терористите на терористичката организација ЈПГ и нивните оружја ќе бидат отстранети надвор од зона од 30 километри во Сирија“, јави агенцијата Анадолија.
По состанокот одржан во претседателската канцеларија во рускиот град Сочи, Ердоган и претседателот на Русија Владимир Путин, одржаа заедничка прес-конференција на која турскиот претседател изрази очекување дека „Уставниот комитет на Сирија ќе го отвори патот за сеопфатна политичка промена во рамки на легитимните и праведните очекувања на Сиријците“.
– Состојбата во Зоната за деескалација во Идлиб беше на дневниот ред на нашата средба. Задоволувачки е да видиме дека во оваа фаза во Идлиб е обезбедена релативна смиреност и се забележува намалување на нападите. Ние сме земја која во последните осум и пол години прифативме 350.000 курдски и три милиони и 650 илјади сириски браќа. Веќе треба да направиме чекори преку кои ќе се исполни нивниот копнеж за својата татковина – изјави Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека со Путин постигнале историски договор во насока на осигурување на територијалниот интегритет и политичкото единство на Сирија, како и за враќањето на бегалците.
– Заклучно со 12 часот на 23 октомври, во рок од 150 часа терористите на ЈПГ и нивните оружја ќе бидат отстранети надвор од зона од 30 километри – нагласи турскиот претседател.