Свет 15. август 2018. / 18:37

Ердоган до Меркел: Силна турска економија е во интерес на Германија

Ердоган до Меркел: Силна турска економија е во интерес на Германија

Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, во телефонски разговор со германската канцеларка, Ангела Меркел, изјавил дека во интерес на Германија е Турција да има силна економија, соопштија турските власти, пренесе „Радио Слободна Европа“.

Од канцеларијата на Ердоган велат дека тој и Меркел за време на разговорот ја потврдиле посветеноста за одржување средби на високо никво, како и контакти за засилување на соработката.

Како што е најавено, турскиот министер за финансии, Берат Албајак, ќе се состане со неговиот германски колега, меѓутоа не е наведено кога ќе се случи средбата. Ердоган и Меркел разговарале и за нивниот состанок во Берлин, планиран за крајот од месецов.

Турската лира драматично падна последниве седмици поради санкциите што ги воведоа САД, кога властите во Анкара одбија да го ослободат од затвор американскиот свештеник Ендру Брансон – осуден по обвинение за тероризам. Меркел во понеделникот изјави дека економските тешкотии со кои се соочува Турција не се во ничиј интерес, заложувајќи се истовремено за независност на Турската централна банка, која е доведена во прашање поради мешање на Ердоган во економијата. Реакции предизвика и тоа што Ердоган го именува својот зет на функцијата министер за финансии.