Свет 05. март 2020. / 20:52

Ердоган: Анкара ќе им помогне на сириските бегалци да се вратат дома

Ердоган: Анкара ќе им помогне на сириските бегалци да се вратат дома

По повеќечасовни разговори во Москва со рускиот претседател, Владимир Путин, на кој постигнаа договор за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Анкара ќе им помогне на сириските бегалци да се вратат во својата татковина.

Истовремено, Ердоган истакна дека Турција го задржува правото да одговори на евентуални дејствија на сириските воени сили.

Турција го задржува правото да одговори на каков било напад од страна на режимот (на сирискиот претседател Башар ал Асад) со свои сили – нагласи Ердоган.

Москва и Анкара постигнаа договор да создадат безбедносен коридор во провинцијата Идлиб, во реонот на сирискиот автопат М4, во кој од 15 март Русија и Турција ќе почнат заедничко патролирање. Борбите во сириската провинција Идлиб е договорено да прекинат денеска на полноќ.

Истовремено, Русија и Турција ја изразија својата подготвеност да се борат со сите појави на тероризам.

Изразивме неопходност да се почитуваат принципите на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. Исто така, убедени сме дека не треба да дозволиме ослабнување на борбата против меѓународниот тероризам – изјави рускиот претседател.

На крајот од средбата, Путин му заблагодарил на Ердоган за посетата, нарекувајќи ги разговорите за Сирија тешки, но со позитивна завршница.