Европската народна партија (ЕПП) одлучи да ја продолжи суспензијата за унгарската владејачка партија „Фидес“.
На своето годишно собрание, што се одржува во Брисел, челниците на најголемата групација во Европскиот парламент го поддржаа предлогот на претседателот на ЕПП, Доналд Туск, да биде продолжена суспензијата за „Фидес“ на неограничен период.
– Мислењето на мнозинството во нашето политичко семејство е многу јасно: нема доволно напредок во Будимпешта, нема видливи промени кога станува збор за демократските стандарди, владеењето на правото и слободата на говор – оцени Туск.
На собранието не се одржа гласање, затоа што ниту противниците ниту приврзаниците на оваа одлука немаа мнозинство.
– Ако не се смени ситуацијата, не гледам како ‘Фидес’ би можел да се врати во нашето семејство, барем, додека сум јас претседател на ЕПП – потенцираше Туск.
Тој уште појасни дека укинувањето на суспензијата за „Фидес“ не е работа за преговори.
– Нема да преговарам за каков и да е компромис околу нашите вредности. Укинувањето на суспензијата зависи од евентуалните промени во Будимпешта и за промена на политиката на ‘Фидес’ – потенцира Туск.
ЕПП во март минатата година ја суспендираше партијата „Фидес“, предводена од унгарскиот премиер Виктор Орбан.