Светската здравствена организација објави дека во Бурунди годинава биле пријавени повеќе од седум милиони случаи на маларија. Здравствените власти оценуваат дека постојат повеќе фактори одговорни за избувнувањето на епидемијата, како што се недостиг на заштитни мрежи за креветите, проблеми со лекови и климатските промени.
Според СЗО, речиси 2.700 луѓе починале во оваа источноафриканска земја оваа година, а евидентирани се 64 отсто повеќе случаи на заболување во однос на 2018 година.
СЗО наведува дека веројатно постои намалување на ефикасноста на третманот, за што се водело истрага.
Од Бурунди порачале нови лекови, а се подготвува и акција во чии рамки ќе има прскање на домовите со инсектицид и дистрибуција на мрежи за кревети, како заштита од комарците.
Научниците стравуваат дека поради високите температури е можна наезда од комарци, кои ја шират маларијата и други болести.
На глобално ниво, од маларија заболуваат околу 219 милиони луѓе годишно.