Свет 15. февруари 2019. / 15:21

ЕП ја поддржа употребата на канабис во медицински цели

ЕП ја поддржа употребата на канабис во медицински цели

Европратениците, охрабрени од одлуките на Светската здравствена организација, усвоија резолуција со која се поддржува употребата на канабис во медицински цели и бараат дополнителни истражувања на тоа поле.

Пратениците побараа од Европската комисија и од властите во земјите членки на ЕУ да дефинираат што е медицински канабис, со цел да се спречат злоупотреби, а воедно и да се обезбедат финансиски средства за новата истражувачка програма за ефектите од канабис.

Истражувањата за примена на канабисот во медицински цели и понатаму продолжуваат, истакна еврокомесарката за заштита на потрошувачите, Вера Јурова.

Со сеопфатна регулација на лековите на база на канабис треба да се ограничи црниот пазар и да се обезбеди загарантиран квалитет на производите, но и да се ограничи пристапот на малолетници до канабисот, оцени Европскиот парламент.

Во текстот од резолуцијата се наведува дека е важно да се дефинира можноста за правна безбедност, како и пристапот на пациентите кои би го користеле канабисот за медицински цели, со посебни мерки за претпазливост кон помлади лица и бремени жени.